• Home
  • Темпераментот и спиењето: Зошто некои деца „едноставно не сакаат да спијат“?

Темпераментот и спиењето: Зошто некои деца „едноставно не сакаат да спијат“?

Темпераментот и спиењето: Зошто некои деца „едноставно не сакаат да спијат“?

Како експерт за детски сон, најчесто го добивам токму ова прашање:

„Дали моето дете е едноставно такво – не сака да спие?“

И искрено — да, некои деца навистина имаат предиспозиции, поради нивниот темперамент, да имаат потешкотии со спиењето. Тоа не значи дека проблемот не може да се реши, туку дека бара поинаков пристап, поголемо разбирање и повеќе трпение.

Што е темперамент?

Темпераментот е вроден начин на реакција на детето на надворешниот свет – како одговара на стимули, на стрес, на промени, на нови искуства. Тој е дел од личноста на детето од првиот ден и не може да се „промени“, но може да се разбере и регулира.

Во својата работа со над 3.000 семејства, забележав дека токму децата со посилен темперамент се тие кај кои спиењето најчесто претставува предизвик. Не затоа што не се уморни, туку затоа што тешко можат да се исклучат од сè што доживуваат.

6 темпераментни карактеристики што влијаат врз спиењето:

1. Интензитет

Сè е изразено — кога се смеат, се смеат гласно; кога плачат, плачат со цело тело. Ако нешто не им одговара – реакцијата е силна и избувлвиа. Таквото дете бара моментална реакција од родителот, што значи дека одложената реакција на родителот (на пр. да почека 2 минути) може дополнително да го налути.

Родителите често велат: „Ако не ја смирам веднаш, после ништо не помага.“

2. Упорност

Темпераментните деца имаат цврста волја. Ако не сакаат да одат на спиење, нема лесно да се откажат. Ако сакаат да бидат со вас, ќе протестираат – и нема да се откажат само затоа што е „време за спиење“.

Тоа е истата особина што подоцна ќе ги направи успешни во животот – но сега, знае да биде исцрпувачка.

3. Перцепција

Овие деца гледаат, слушаат и чувствуваат сè. Забележуваат кога сте нервозни, кога се двоумите дали е вистинско време за спиење, кога рутината е променета.

Ако вие не сте сигурни, ни тие нема да бидат сигурни – и ќе протестираат.

4. Живост / Активност

Темпераментните деца ретко мируваат. Тие се постојано во движење, секогаш сакаат нешто ново. И кога телото е уморно, умот им е буден. Затоа, токму оваа „будност“ ги држи подалеку од сонот.

„Само што го спуштам, ги отвара очите – како да е целосно наспан.“

5. Зголемена сензитивност

Мала светлина, некој звук, мирис или етикета на пижама – сè може да биде тригер. Тие се како „принцезата и грашокот“ – сè чувствуваат, сè доживуваат интензивно.

Најмала промена значи дека нема да заспијат или ќе се разбудат.

6. Емоционална врзаност

Овие деца имаат голема потреба за сигурност. Ако не се чувствуваат безбедно, нема да се препуштат на спиењето. А тоа „чувство на безбедност“ често се поврзува со телесна близина, гласот и присуството на родителот.

Што покажуваат истражувањата?

Според Thomas & Chess (психијатри кои први го истражуваат темпераментот кај деца), децата со т.н. „тешки“ или „чувствителни“ темпераменти имаат поголема веројатност за нарушен сон, но и повеќе таленти на полето на перцепција, аналитичност и емоционална интелигенција.

Како можеме да им помогнеме?

Создавање рутина – Темпераментните деца се чувствуваат побезбедно кога има предвидливост. Затоа, стабилна вечерна рутина е клучна. Секој чекор што се повторува им помага да се чувствуваат сигурно и да знаат што следува, а тоа значително го олеснува процесот на успивање.

Константност и упорност – Темпераментните деца знаат да бидат упорни до крај – но токму тука е моментот кога вие треба да бидете уште поупорни. Не за да ги надвладеете, туку за да им помогнете да се смират, да се почувствуваат безбедно и да научат дека постојат граници и правила кои треба да се почитуваат. Континуитетот и повторувањето на истите постапки им носи стабилност – а токму тоа им е најпотребно. Никогаш не заборавајте – вие сте родителот, нивниот водич и пример, оној што им покажува како се справуваме со предизвиците.

Техники за смирување – Кај овие деца е клучно да научат да заспиваат самостојно, затоа што така ќе научат техника како сами да се смират, да сами да се сталожат и да потонат во сон. Постепено учење на бебето да се смири, без да го „оставиме да плаче“, е можно. Затоа ги креирав моите видео програми и водичи – со јасен, структуриран пристап и нежни методи кои даваат резултати.

Промени во околината – Темпераментните деца имаат потреба од оптимални услови: затемнетост, бел шум, минимални стимули. Колку е посмирено и поконзистентно опкружувањето – толку полесно се релаксираат.

Најважно од сè: Не сте сами.

Темпераментот не е казна. Тоа е дар што бара посебно разбирање и грижа. А вие, како родител, не сте виновни што вашето дете не спие „како другите“. Вие само имате дете кое ви кажува гласно што му треба – и тоа е во ред.

Споделете го блогот со други родители. Помогнете ни да го вратиме сонот во што е можно повеќе семејства.


Имајте слатки и проспани ноќи! – Вашиот Dr.Goodnight 🌙

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *