Кога зборуваме за честите ноќни будења кај бебињата и малите деца, обично првата мисла е: “Навикнато е да се буди” или “Ја бара цуцлата/градата/раце за да заспие”. Но, вистината е дека не секое будење се должи на лоши навики.
Понекогаш постојат сосема конкретни причини кои го нарушуваат сонот на детето – и токму тие треба да се препознаат и решат пред да се почне со било каков тренинг за спиење.
Како сертифициран консултант за детски сон, многупати сум видела дека кога овие причини се игнорираат, обуката за спиење не само што е неуспешна, туку може да предизвика дополнителен стрес кај детето и родителот. Затоа, доколку планирате да воведете промени во спиењето, важно е или претходно да ги исклучите овие фактори, или да работите со стручно лице кое знае да ги препознае и правилно да ги третира.
Во продолжение ги опишувам најчестите, но често занемарени причини за ноќни будења:
Што е тоа: Скок во развој е период во кој вашето дете доживува големи промени во неговиот психофизички развој, накратко кажано, вашите деца нагло растат. Во првата година од животот, децата поминуваат низ интензивни периоди на развој (т.н. „leaps“), кога стекнуваат нови вештини: превртување, седење, стоење, зборување…
Симптоми:
Одеднаш нарушен сон
Зголемена потреба за близина
Повеќе будења и потешко смирување
Зголемен апетит
Што да направите: Бидете трпеливи. Не воведувајте промени за време на скок. Понудете утеха, рутини и стабилност. Обично трае неколку дена до две недели.
На овој линк може да прочитате повеќе за скоковите во развој.
Тивокиот рефлукс често останува непрепознаен, бидејќи за разлика од класичниот рефлукс, нема видливо повраќање. Но, тоа не значи дека не му пречи на бебето – напротив, може сериозно да го наруши сонот.
Што е тоа?
Тивок рефлукс е враќање на желудочна киселина до грлото, без излегување на млеко надвор од устата. Ја надразнува слузницата, создава чувство на печење и дискомфорт, особено во лежечка положба.
Како да го препознаете:
Бебето се буди често и плаче без очигледна причина
Голта или прави звуци на голтање и по хранењето
Се витка наназад или се извива при легнување
Одбива храна, или пак постојано сака да цица – за да го ублажи печењето
Спие кратко, често се буди, а тешко се смирува
Што да направите: Разговарајте со педијатар – можеби е потребна проценка и дополнителни насоки
Важно: Тивокиот рефлукс не поминува со „тренирање за спиење“. Прво треба да се реши основниот проблем, за бебето да може да спие мирно.
Што е тоа: Хронична кожна состојба која предизвикува чешање и воспаление на кожата, најчесто ноќе.
Симптоми:
Црвени, суви дамки
Интензивно чешање
Будење со гребаници
Немирен сон без видлива причина
Што да направите?
Обратете се на дерматолог. Користете хипоалергени креми и облека од природни материјали. Одржувајте влажност во просторијата.
Железото не е важно само за крвта – тоа игра клучна улога и во функционирањето на мозокот и квалитетот на сонот. Кога нивото на железо е ниско, телото не може оптимално да произведува допамин – невротрансмитер кој помага во регулирање на движењата и чувството на смиреност. Ова може да резултира со т.н. немирен сон, честo будење и проблеми со заспивање.
Исто така, недостатокот на железо е поврзан со појава на Restless Leg Syndrome (RLS) – состојба која создава непријатно чувство во нозете, особено навечер, и предизвикува дете (или возрасен) несвесно да ги мрда нозете, што го прекинува сонот.
Како да го препознаете кај дете:
Се буди често навечер без очигледна причина
Спие немирно, се вртка постојано
Има бледа кожа, често е уморно во текот на денот
Има слаб апетит или лош напредок во тежина
Што да направите?
Побарајте клиничка анализа на крвта, особено ниво на феритин (складиштен облик на железото), не само хемоглобин. Со препорака од педијатар, може да се воведе суплементација или промени во исхраната (црвено месо, зелен лиснат зеленчук, житарки збогатени со железо).
Важно: Доколку железото е ниско, дури и најструктурираниот план за спиење може да не даде резултати – телото е премногу „вознемирено“ одвнатре за да се смири. Затоа, овој фактор треба да се исклучи или третира пред да се почне со тренинг за спиење.
Слип апнеата е сериозно нарушување на сонот, кое се јавува кога детето привремено престанува да дише додека спие, поради затнување на дишните патишта. Иако почесто се поврзува со возрасни, оваа состојба е присутна и кај деца, особено на возраст меѓу 2 и 6 години, кога крајниците (тонзили и аденоиди) се зголемени.
Како да ја препознаете?
Некои деца со слип апнеа не изгледаат болни, но нивниот сон е нарушен, со чести прекини во дишењето поради што детето може да се разбуди со т.н. глад за воздух.
Најчести симптоми се:
Силно ‘рчење, често и секоја ноќ
Паузи во дишењето
Немирен сон, често менување позиција
Потење навечер, особено во пределот околу главата/вратот
Дишење на уста преку ден и ноќе
Дневна поспаност, раздразливост, проблеми со концентрација
Забавен раст, слаб апетит
Што да направите?
Ако се сомневате на слип апнеа:
Снимете го сонот на вашето дете неколку ноќи – важно е да се документира дали има паузи во дишењето.
Консултирајте се со ОРЛ специјалист – најчеста причина се зголемени крајници или аденоиди.
Во некои случаи, лекарот може да предложи sleep study (полисомнографија) – испитување кое прецизно ја дијагностицира состојбата.
Важно: Тренинг за спиење кај дете со слип апнеа не треба да се започнува без претходна медицинска проценка. Доколку постои медицински проблем, телото реално не може да спие мирно – и секоја обука ќе наиде на отпор, вознемиреност и неуспех.
Што е тоа: Недоволно зголемување на тежината или некомплетирана исхрана може да предизвика будења поради глад.
Симптоми:
Чести будења и доење/јадење ноќе
Бавно качување на тежина
Нервоза при јадење
Немирен дневен сон
Што да направите: Педијатриски преглед и анализа на раст и развој. Можеби ќе биде потребно ревидирање на исхраната.
Не секое будење е навика. Некои деца имаат медицински или развојни причини поради кои имаат чести ноќни будења. Првиот чекор не е да се „реши проблемот со спиењето“, туку да се разбере зошто тој постои.
Ако препознавате некои од овие симптоми кај вашето дете, не брзајте со тренинг за спиење. Наместо тоа, побарајте совет од д стручно лице кое ќе ви помогне да направите безбеден, ефикасен и емпатичен план.
А ако сакате водство и поддршка низ целиот процес – од проценка до подобрување на спиењето – нашите програми за спиење нудат структуриран пристап и поддршка за секој чекор од патот.
Имајте слатки и проспани ноќи!
Вашиот Dr.Goodnight
Your information will never be shared with any third party