• Home
  • 2-годишна регресија на спиење

2-годишна регресија на спиење

2-годишна регресија на спиење

Многу родители очекуваат кога бебето ќе порасне во тодлер, успивањето ќе се олесни. Но тоа не е правила, од еднаш почнуваат да растат катници, се појавуваат тантруми, а кај некои и одвикнување од пелени може да предизвика дополнителен немир, плачење и ноќни будења.

Логично, сите очекуваме развојот кај нашето дете да се одвива нанапред, и сите се изненадени кога од еднаш на 2 годишна возраст детето како да се враќа наназад, а за тоа најчесто е виновна регресијата во спиење која се случува околу втората година. 

Што се случува во 2 годишната регресија во спиење?

Можеби вашето 2 годишно дете кое спиело одлично во текот на целата ноќ, oд еднаш се буди неколку пати навечер. Или вашето дете кое сте почнале да го одвикнувате од пелени, и скоро и да сте го одвикнале, од еднаш повторно не сака да го користи нокширчето. Или можеби вашето дете кое имало одлична дневна дремка, од еднаш плаче и не сака никако да заспие преку ден.

2 годишната регресија го намалува и трпението кај родителите поради сите ненадејни промени кои се случуваат и неспиењето навечер кое влијае и врз состојбата на родителот.

Всушност, оваа регресија е добра. Таа значи дека вашето дете се развива, неговите вештини и знаења се зголемуваат, и го жртвуваат спиењето за да ги усовршат новите вештини кои ги учат.

  • ЗГОЛЕМЕН ПРОЗОР НА БУДНОСТ

Вашето дете треба да има само една дремка во текот на денот, а навечер му се потребни 10ипол до 11 часа сон. Ова е период на транзиција, и на вашето дете ќе му треба време да се прилагоди, поради што можеби одреден период ќе се буди навечер почесто.

  • ОТПОР ЗА ДНЕВНИ ДРЕМКИ

2 годишните деца се познати по тоа што ги тестираат (и повторно ги ре-тестираат) правилата и границите кои сме им ги поставиле. Едно од, за нив најинтересно правило за тестирање, е дневната дремка. Знаат дека животот продолжува додека тие треба да спијат, и од еднаш не се согласуваат со тоа тие да спијат, а мама и тато да се будни. Оваа фаза може да биде многу фрустрирачка, затоа што тодлер што не сака да спие преку ден е преморено дете кое е нервозно и кенкаво.

2 годишните деца сметаат дека се спремни да ја исфрлат целосно дневната дремка, но ние родителите треба да знаеме дека не се спремни за тоа, и да се потрудиме да ја задржиме дневната дремка минимум до третата година.

  • ОТПОР ЗА НОЌНО УСПИВАЊЕ

Ако имате тодлер сигурна сум дека сте ги слушнале изреките како “само уште една приказна мамо”, “уште 5 минути”, “само сакам да се мазиме уште малку”, и најпопуларната “сакам уште вода” . Ова се само начини за да го пролонгираат времето на успивање. Вашето дете само сака да види со што може да се извлече од спиење. Вашето дете се бори со вас и сака да ја докаже својата моќ и независност.  Ако ова се случува често, почнете ја рутината пред спиење малку порано и дозволете им “уште една приказна”.

  • ОДВИКНУВАЊЕ ОД ПЕЛЕНИ

Некои 2 годишни деца се спремни да се одвикнат од пелени, а други не се спремни ни до 3 години. Ако вашето дете е во фаза на одвикнување од пелени, очекувајте мал регрес во други фази (пример во спиењето), затоа што учењето и совладувањето на таква важна вештина за нив,  бара многу концентрација и упорност.

  • АНКСИОЗНОСТ ОД РАЗДЕЛУВАЊЕ И СТРАВ ОД ТЕМНИЦА

Можеби вашето дете кое самостално се успивало, од еднаш почнува да плаче кога ќе сакате да излезете од собата. За ова делумно е виновна имагинацијата на вашето дете, посебно затоа што ќе почне да си замислува чудовишта под креветот. Ова нивно однесување е нормално, и може да предизвика отпор за време на вечерното успивање.

Како да се однесувате за време на 2 годишната регресија 

Како и сите други регресии за спиење, така и 2 годишната регресија може но и не мора да се појави кај вашето дете. Ако од еднаш се соочувате со одбивање за дневно спиење, одбивање за ноќно спиење, кенкање во текот на денот, почести ноќни будења, голема е веројатноста дека вашто дете е во регресија за спиење..

  • КОНСТАНТНОСТА Е КЛУЧОТ

Како и секогаш кога сакате да промените некоја навика во спиењето, константноста е клучот. Продолжете со дневната дремка во исто време, дури и да не заспие и да седи будно 45мин. во своето креветче. Повеќето деца имаат дневна дремка барем до 3 години. Истото важи и за ноќното успивање, продолжете со истата рутина и истиот начин на успивање секоја вечер и покрај отпорот од вашето дете.

  • НЕ ПРАВЕТЕ ПРЕТПОСТАВКИ

Многу родители претпоставуваат дека ако детето одбива дневно спиење, можеби и навистина НЕ треба да спие преку ден, или дека треба да заспие навечер покасно. Но, на вашето дете на оваа возраст сеуште му е потребна една дневна дремка. Сè уште ѝм треба дремката и времето за ноќно успивање да бидат во време, соодветно за возраста. Затоа не ја кратете дремката и не го поместувајте ноќното време за покасно успивање.

  • ПОСТАВЕТЕ ПРАВИЛА

Тодлерите, односно сите деца, се раководат според правила, а наша обврска е да им ги поставиме. Кога станува збор за спиењето, осигурете се да им покажете дека за тие правила воопшто не преговарате. Вечерното успивање е секогаш во 20:00ч, дневната дремка е секој ден помеѓу 12:30-13:00. Дури и вашето дете да инсистира дека не е уморно и не сака да спие, осигурете се дека во исто време ќе легне, па дури и тоа да значи извесно време само да лежи без да заспие, важно е во овој период да се задржи константноста и да се даде знак дека овие правила не ги менуваме.

  • РАЗБЕРЕТЕ ГИ СТРАВОВИТЕ НА ВАШЕТО ДЕТЕ

Ноќните стравови се голема работа за нашите малечки. Вашето дете има неветојатно голема и живописна имагинација, па земете го тоа во предвид и исполнете ја со добри и убави мисли. Понудете му играчка со која може да спие навечер, или правете некоја лесна јога за деца пред спиење, разговарајте и визуелизирајте убави работи, раскажувајте приказни без насилства, направете нешто што го релаксира и опушта вашето дете.

Она што е најважно да го запаметите за секоја регресија за спиење, е дека регресиите се повремени и обично траат 2 до 3 недели. Можеби вашето дете ќе биде понервозно и покенкаво од вообичаено и со почести будења, но придржувајте се до вашите правила, не ги менувајте и многу брзо повторно ќе почне да ја преспива ноќта.

Ако вашето дете и пред регресијата не ги преспивало ноќите, за време на регресија не е правилен момент да поставите нови правила. Почекајте да помине регресијата, па потоа може да поставите правила и да се придржувате до нив.

Ако ситуацијата со ноќни будења не е нова, и не е привремена, туку трае повеќе од 6 недели, тогаш е време да закажете консултација или програма за спиење која ќе ви помогне да ги преспиете ноќите.

Направете приоритет од здравиот сон за вашето дете, не заборавајте дека наспани деца се здрави и среќни деца!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *