• Home
  • Скокови во развој

Скокови во развој

Скокови во развој

Многу често ќе слушнете дека во скок во развој спиењето на децата се влошува. Но што е скок во развој, кога се појавува и зошто влијае врз спиењето на нашите деца?
Скок во развој е период во кој детето доживува големи промени во неговиот психо-моторен развој, на кратко кажано, вашите деца нагло растат. Во првите 18 месеци бебињата поминуваат низ 10 големи скокови во развој. Скоковите во развој се пресметуваат од предвидениот термин на раѓање, а не од датумот на раѓањето на вашето бебе. 

Зошто децата во скок во развој се будат почесто?

  1. Поголемиот дел од развојот се случува додека децата спијат, и тоа во фазата на лесен сон. Ова значи дека додека се во скок во развој, бебињата имаат лесен сон и полесно може да се разбудат.
  2. Вашите малечки имаат потреба да ги вежбаат новите вештини. Се будат навечер со желба за усовршување на новите вештини. Оваа потреба дополнително го влошува спиењето.
  3. Бебињата кои во првата година, сеуште јадат навечер, за време на скокот во развој, имаат потреба од внесување на повеќе калории поради нивниот забрзан раст, а поради тоа се будат почесто барајќи цицање или АД.
  4. Прозорот на будност се зголемува со растот и развојот на децата. Како што бебињата растат, така се намалува должината на спиењето.

Скоковите во развој најчесто се појавуваат во следните недели:

5та недела – прв скок во развој ( развој на вид, слух и мирис)

8ма недела – втор скок во развој ( откривање на своите раце и нозе)

12та недела – трет скок во развој (откривање на својот глас)

19та недела – четврт скок во развој. Вашето бебе учи дека неколку активности се дел од еден настан. На пример тропкалките, не само што ќе ги држи, туку и ќе ги мрда лево-десно, за да испуштат звук. Исто така, ќе истражува разни предмети, ставајќи ги во уста. Во овој период дури и моторните вештини се развиваат многу брзо, некои бебиња можат да се превртат од грб на стомак и се полни со енергија и желба за превртување дури и навечер

23та недела – петти скок во развој. Вашето малечко може да препознава објекти, а и да согледа оддалеченост помеѓу два предмета. Забележува кога мама и тато ќе ја напуштат просторијата, поради што плаче. Покрај тоа почнува превртување на двете страни, посегнува по објекти кои висат.

34та недела – шести скок во развој. Во овој скок најмногу се развива моториката, поради што вашите дечиња немаат мир. Некои бебиња ќе научат да ползат, да стојат сами, а некои ќе ги направат и првите чекорчиња придржувајќи се до некои предмети. Возбудата е голема и бебињата имаат константна желба за постојано да ги вежбаат и усовршат новите вештини. Вежбаат преку ден, но и навечер.

41ва недела – седми скок во развој. За време на овој скок вашето бебе учи за посложени процеси и настани. На пример, знае дека ако ја земе лажичката, треба да ја натопи во кашичката и да си ја стави во устата. Покрај тоа, ползат/се исправаат сами фатени за некој предмет, а тоа им предизвикува немир. Некои од нив ги кажуваат и првите зборчиња.

50та недела – осми скок во развој. Во осмиот скок во развој, вашите дечиња учат за редослед на процеси. На пример, сфаќаат дека одредени процеси не мора секогаш да се случуваат по истиот редослед за да доведат до истиот краен резултат. ⁠ Дури и самите се обидуваат да најдат различни начини и пристапи за да го променат редоследот на некој процес. Покрај тоа, се повеќе си ја откриваат сопствената желба, а тоа може лесно да предизвика тантруми.

60та недела – деветти скок во развој. Вашето дете се впушта во светот на принципите, а правилата стануваат сè поважни. Се обидува да ги разбере и тестира овие правила. Сфаќа дека постојат неколку начини и стратегии што можат да се искористат за да се постигне посакуваната цел. Секогаш си го поставува прашањето дали е поверојатно да се постигне целта преку кенкање / плачење или дали „да се биде послушен“ е подобро решение.

75та недела – 10ти скок во развој. Последен скок во развој во кој се случува сензорниот развој. Во 10тиот сокок во развој, се поставува основата за градење на совест и децата учат за вредности и норми. Тие откриват се повеќе за себе, својот карактер, желби, го запознаваат подлабоко своето семејство, пријателите, роднините. Отсега натаму, вашите деца многу внимателно го набљудуваат вашето однесување, го впиваат и многу брзо го имитираат.

Скоковите се нормални и очекувани фази во растот и развојот на секое дете. Многу е важно во овој период да реагирате на потребите на вашето бебе и да му пружате многу љубов. Вашиот допир, глас, мирис и топлина му даваат сигурност и мир на вашето бебе, а тоа ќе помогне полесно да се надмине секој скок во развој.

Неделите кога се појавуваат скоковите не мора да бидат секогаш исти, може да има разлики кај некои деца. Следете ги вашите деца и бидете полни со љубов и внимание за време на секој скок. Тоа е фаза која ќе помине, а на вашето дете му се потребни вашето разбирање и поддршка.  

Направете приоритет од здравиот сон за вашето дете, не заборавајте дека наспани деца се здрави и среќни деца!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *