• Home
  • Промена на времето — како да го подготвите вашето дете за зимско сметање на времето

Промена на времето — како да го подготвите вашето дете за зимско сметање на времето

Промена на времето — како да го подготвите вашето дете за зимско сметање на времето

Последниот викенд од октомври, 26.10 повторно имаме промена на времето — стрелките на часовникот се враќаат еден час наназад, и сите ние, барем на хартија, добиваме еден час повеќе сон.

Звучи убаво, нели?
Но сите родители на мали деца знаат дека оваа теоретска придобивка ретко функционира во пракса.

За децата, промената на времето не е само „еден час разлика“.
Таа го нарушува внатрешниот биолошки ритам, а на телото му треба време за да се прилагоди.
Затоа, во неделата по промена на часовникот, многу родители се соочуваат со порано будење, немирни ноќи и променлив распоред на спиење.

Зошто воопшто ни е толку тешко да се прилагодиме?

Секој човек, има внатрешен часовник – научно наречен циркаден ритам.
Овој ритам управува со целото тело: кога ни се спие, кога сме гладни, кога имаме енергија, кога хормоните се активни.

Циркадниот ритам е биолошки програмиран, но и многу чувствителен на светлина и темнина.
Кога ќе се стемни, мрежницата на очите испраќа сигнал до мозокот дека е време за одмор. Тогаш започнува производството на мелатонин – хормонот кој ни помага да се опуштиме, да заспиеме и да имаме длабок, ресторативен сон.

Кај бебињата и малите деца, овој систем е уште понежен и лесно се вознемирува.
Дури и мала промена во времето на спиење или будење може да предизвика нерамнотежа, затоа што нивниот мозок сè уште не е научен да „игнорира“ умор, како што тоа го прават возрасните.

Зошто не функционира методот „ќе го легнам подоцна, па ќе спие подолго“?

Ова е најчестата грешка на родителите за време на промена на часовникот.
Мислиме дека ако го легнеме детето еден час подоцна, тоа ќе спие еден час подолго.
Но телото на детето не го следи часовникот— го следи својот внатрешен ритам.

  • Ако го легнете покасно, детето ќе се разбуди во истото време како и претходно, само што сега ќе има час помалку сон.
  • Ако се премори, нивото на кортизол (хормон на стрес) ќе се зголеми, а тоа ќе предизвика немирен сон, чести будења и уште порано будење следното утро.

Со други зборови: преморено дете не спие повеќе, туку пократко и полошо.

Научната позадина: што точно се случува во мозокот?

Телото на детето е како прецизен биолошки компјутер. Кога настанува промена во светлината, температурата или активноста, мозокот ја регистрира и се обидува да ја усогласи со својот ритам.

  • Светлина наутро = сигнал дека е време за будење.
  • Темнина навечер = сигнал дека е време за одмор и лачење мелатонин.

Затоа промената на времето влијае на децата повеќе отколку на возрасните – нивната внатрешна синхронизација е потесно поврзана со природните знаци (светлина, темнина, звук, рутина).

ДОПОЛНИТЕЛЕН СОВЕТ: Во овие случаи не мора да правите промени:

  • Ако вашето бебе има помалку од 5 месеци, неговиот ритам сè уште не е стабилизиран. Овие бебиња и онака се будат и заспиваат во различни периоди, па промената нема големи влијание.
  • Ако вашето дете се буди подоцна (на пример, околу 8:00), не мора да менувате ништо – после промената, тоа природно ќе се буди во 7:00, што е совршено прифатливо.
  • Ако сте флексибилно семејство и не ви пречи порано будење, можете да дозволите адаптацијата да се случи природно, без дополнителни подготовки.

За сите останати: постепена транзиција е клучна!

Ако не спаѓате во горните категории, тогаш најдобар начин да го подготвите вашето дете е преку постепена промена во рок од две недели. Така му давате време на неговиот биолошки часовник да се помести без стрес и без премор. За вас го направив овој план за постепено прилагодување на промената на часовникот.

ДВОНЕДЕЛЕН ПЛАН ЗА ПОСТЕПЕНА АДАПТАЦИЈА:

Ден

Време на будење

Прва дремка

Вечерно спиење

Понеделник (2 недели пред промената)

6:00

12:00

19:00

Вторник

6:05

12:10

19:10

Среда

6:10

12:20

19:20

Четврток

6:15

12:30

19:30

Петок

6:20

12:40

19:40

Сабота

6:25

12:50

19:50

Недела

6:30

13:00

20:00

Понеделник (1 недела пред промена)

6:35

13:10

20:10

Вторник

6:40

13:20

20:20

Среда

6:45

13:30

20:30

Четврток

6:50

13:40

20:40

Петок

6:55

13:50

20:50

Сабота

7:00

14:00

21:00

Недела (ден на промената)

6:00 (старо 7:00)

13:00 (старо 14:00)

20:00 (старо 21:00)

Детални совети за секој дел од денот:

Наутро

  • Не го вклучувајте светлото веднаш – почекајте 5–10 минути.
  • Постепено одложувајте го почетокот на денот секој ден за по 10 минути.
  • Ако првото хранење е веднаш по будење, поместете го исто така 10мин покасно.

Преку ден

  • Поместувајте ги сите дремки, не само ноќното спиење.
  • Ако детето има повеќе дремки, секоја нека биде 10–15 минути подоцна секој ден.
  • Кај помалите бебиња, кратка дремка доцна попладне може да помогне да се задржи будноста до вечерта без премор.

Навечер

  • До околу 20 минути пред спиење нека биде посветло и поактивно во просторијата.
  • Потоа намалете ги звуците и осветлувањето, за да му сигнализирате на телото дека доаѓа време за одмор.
  • Не го легнувајте подоцна од 15 минути повеќе од вообичаеното – постепеноста е клучна.

Ако детето се буди премногу рано

Ако вашето дете веќе се буди пред 6:00, промената на времето може да ги направи утрата уште потешки (будења во 4:30–5:00).
Во овој случај, прво треба да се открие зошто детето се буди толку рано: дали легнува прерано или прекасно, дали е преморено, дали собата е премногу осветлена или студена или дали има асоцијација со спиење во која бара исклучиво ваша помош.

Во моите програми во делот за рани утрински будења, ќе најдете причини за рано будење и нивните решенија – од температура и светлина, до навики и ритуали.

Кога не мора да се грижите

Ако сте дома, без фиксен распоред или обврски (како градинка, училиште или работа), не мора ништо да менувате веднаш. Промената може да се направи спонтано, во текот на неколку дена.

Кај децата што одат во градинка, доволно е еден ден пред промената (сабота) да се легнат и да спијат напладне околу половина час подоцна, а во недела веќе да го следат новото време. До понеделник, повеќето деца се целосно прилагодени.

За крај: нежно, трпеливо и без притисок

Детскиот сон не може да се „промени“ преку ноќ. Промената на времето е одлична прилика да го набљудувате своето дете, да ја разберете неговата физиологија и да научите како да му помогнете.

Вашето дете нема потреба од совршенство – туку од рутина, стабилност и емпатија.
Дури и ако неколку дена се будите порано, тоа е само фаза. Со време, внатрешниот часовник ќе се прилагоди сам.

Промената на времето не мора да биде извор на стрес — може да биде можност да го вратите балансот, да создадете нов ритам и да се потсетите дека сонот е темел на здравото детство.

Споделете го овој пост со другите родители и помогнете им да ја поминат оваа транзиција без рани утрински будења утра.

Имајте слатки и проспани ноќи 💜
Вашиот Dr.Goodnight

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *