• Home
  • Што да направите ако тренингот за спиење не дава резултати?

Што да направите ако тренингот за спиење не дава резултати?

Што да направите ако тренингот за спиење не дава резултати?

Дали некогаш сте се запрашале зошто тренингот за спиење не функционира кај вашето дете?  Знам колку труд вложувате – читате, истражувате, правите план, се надевате на поспокојни ноќи и проспани ноќи. Но понекогаш, и покрај сите напори, работите не одат како што очекувавте. Детето сè уште се буди, спиењето е нестабилно, а вие се чувствувате како да сте се вратиле на почеток.

Ајде да ги разгледаме најчестите причини поради кои тренингот за спиење може да не даде резултати:

  1. Цуцлата може да биде главниот виновник

Ако не сте ја вклучиле цуцлата во планот за тренинг, таа може сериозно да го попречи процесот. Дали се будите по неколку пати ноќе само за да ја вратите цуцлата? Дали престанавте со ноќните хранења, но сè уште му давате цуцлата на заспивање? Дали навечер само што ќе му падне цуцлата секогаш се буди? Ако вашето бебе сè уште нема способност самостојно да ја враќа, тоа значи дека вие ќе треба да го правите тоа секојпат.

Цуцлата може да помогне во некои фази, но мора да одлучите – или ќе го научите детето само да ја најде и врати, или целосно ќе ја извадите од ноќната рутина. Во вториот случај, започнете ја ноќта без цуцла и бидете подготвени на неколку тешки ноќи. Но со поддршка, како на пример преку Dr.Goodnight програмите за спиење, може успешно да го поминете овој период.

  1. Детето било премногу поспано при легнување

Фразата „поспано, но будно“ често се користи, но реалноста е дека ако детето е премногу посапно кога го ставаме во кревет, нема да има можност само да научи да заспие. Поради тоа, секое будење во текот на ноќта ќе бара ваша помош.

Детето треба да биде нахрането, суво, во пријатна атмосфера, смирено, сталожено – но будно доволно за да знае каде се наоѓа. Ако заспива за помалку од 5 минути или му паѓаат очите додека го носите, тоа значи дека е скоро заспано. Следната вечер обидете се да го ставите малку побудно.

  1. Детето немало соодветни дневни дремки

Тренинг за спиење навечер треба да се почне под услови кои се идеални за детето, но ако детето било премногу уморно поради лоши дневни дремки, заспивањето станува уште потешко. Преморот го лачи хормонот коритозол поради кој наместо детето да потоне во сон, станува уште понемирно и потешко заспива.

Многу е важно да го пронајдете идеалниот „прозорец за спиење“ – најчесто, тоа е околу 19:00 часот навечер, најдоцна до 20:00.

Ако решите фокусот на тренингот да биде само ноќе, тогаш успивајте ги за дневни дремки на кој било начин – дури и со старите навики како нишање или носење. Ако веќе ни тие не функционираат, тогаш ќе треба истовремено да правите тренинг за спиење и на дневните и на ноќните спиења. Користете ги истите техники како навечер – техниките од Dr.Goodnight програмите за спиење може да се применуваат и преку ден.  Ако вашето дете оди во градинка, разговарајте со негувателките дали можат да му овозможат дремки, прилагодени на неговата возраст и потреби.

  1. Вашите очекувања можеби не се реални

Понекогаш очекуваме да постигнеме повеќе отколку што детето во таа возраст реално може да постигне. Дали очекувавте вашето 6-месечно бебе да спие 13 часа без храна? Или 12-месечно дете да премине на една дневна дремка?

Проверете дали планот што го имате е соодветен за возраста на детето. Консултирајте се со педијатар дали добива доволно калории во текот на денот. И запомнете – повеќето деца природно се будат помеѓу 6:00 и 7:00 часот.

  1. Можеби не му дадовте доволно време

Никогаш нема „совршен момент“ за тренинг – секогаш има заби, настинки, посети… Но за да успеете, треба барем три недели навистина да се посветите. Многу тренинзи пропаѓаат не затоа што не биле добри, туку затоа што не добиле доволно време.

Како и секоја нова вештина, спиењето се учи со трпение, доследност и време. Ако претстојат патувања, гости, преселба или нова негувателка – одложете го тренингот. Вашата посветеност е клучна за успехот.

  1. Тешко ви беше да останете константни

Константноста е еден од најважните фактори за успех во тренингот за спиење – не само за да успее, туку и за да трае долгорочно. Ако понекогаш попуштате, а понекогаш не, му испраќате збунувачки сигнали на вашето дете. А бебињата и малите деца не можат да разберат такви мешани пораки.

Кога ќе направите план за тренинг, изберете стратегија што знаете дека ќе можете да ја следите секоја вечер – барем 3 недели. Да, може да има протест или фрустрација кај детето на почетокот, но со доследност и поддршка му давате шанса да ги научи новите вештини за самостојно заспивање.

  1. Можеби методот кој сте го избрале не е за вас

Понекогаш едноставно не можете да издржите со методот што сте го одбрале. Можеби премногу брзо сте ги исфрлиле ноќните подои или дохрана и сте завршиле со гладно и вознемирено бебе. Или сте пробале метод „cry-it-out“ и не сте издржале – или издржавте, но не видовте резултат.

За тренингот да успее, мора да изберете метод кој за вас како фамилија е прифатлив и емотивно и практично – метод со кој можете да бидете доследни барем 2-3 недели. Ако по 3 до 5 дена не забележувате никакво подобрување, направете пауза, разгледајте го процесот и обидете се да откриете зошто не функционира – дали е поради методот, темпото или нешто во рутината.

Никогаш не е доцна да му помогнете на вашето дете да спие подобро – дури и ако претходно сте пробале тренинг и не сте успеале. Со програми за спиење на Dr-Goodnight и нашата постојана поддршка, можете да креирате план кој одговара на потребите на вашето дете и на вашето семејство – и конечно да уживате во мирни ноќи.

Ако се пронајдовте во некоја од овие ситуации – знајте дека не сте сами. Понекогаш е доволна само мала промена, вистинска поддршка и уште малку трпение.
Ако ви треба насока или индивидуален план за да му помогнете на вашето дете да спие подобро – резервирајте една од нашите програми за спиење или закажете консултација со мене.” – Сања Ѓорѓева, сертифициран тренер за спиење, основач на Dr.Goodnight

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *