• Home
  • Зошто вашето бебе не сака да спие во креветче?

Зошто вашето бебе не сака да спие во креветче?

Зошто вашето бебе не сака да спие во креветче?

Најбезбедно место за спиење на бебето е креветчето. Сепак, некои бебиња имаат потешкотија да заспијат во креветче или често се будат во текот на ноќта. Истражувањата покажуваат дека помеѓу една четвртина до една половина од бебињата често се будат во текот на ноќта и по 6тиот месец од животот.

Зошто на вашето бебе не му се допаѓа креветчето?

Честите будења во креветчето може да бидат поврзани и со возраста на бебето. На пример новороденчињата се будат почесто затоа што циркадниот ритам не е целосно развиен, а и поради поголема потреба од храна, контакт тело на тело, грчеви, а понекогаш едноставно поради сигурност и утеха.

Прематурчињата (предвремено родените бебиња) кои поминале извесно време во неонатална интензивна нега имаат потреба од поголема поддршка кога се префрлаат во нова средина за спиење, односно во нивното креветче.  На овие новороденчиња можеби ќе им треба дополнително време и помош од нивните родители за да се навикнат да спијат во својот дом а и во своето креветче.

Понекогаш, бебето кое претходно добро спиело во креветче одеднаш, без причина ќе почне да ви се спротивставува кога ќе дојде време за спиење, или почесто да се буди во текот на ноќта. Регресија во спиењето се случува често во првите две години од раѓањето на детето, но обично трае кратко време.

Постојат неколку причини поради кои бебето одеднаш одбива да спие во креветче и тоа:

  • Анксиозност од разделување од родителите (особено мајката)
  • Долги дневни дремки и долги или кратки прозори на будност
  • Преголема стимулација и возбуденост од нови случки во текот на денот
  • Растење на заби
  • Настинки и болести
  • Му треба поголема утеха
  • Бебето не заспива во креветче, туку заспива на друго место а вие го префрлате веќе заспано во креветче
  • Во текот на ноќта кога бебето ќе се разбуди, вие го префрлате во вашиот кревет и продолжувате да спиете заедно

Совети како да му помогнете на вашето бебе да заспие во креветче

Спиењето е важно за растот и  развојот на бебето. Покрај тоа, кога бебето не спие добро, нарушен е сонот на целото семејство, а тоа директно влијае врз здравјето и расположението врз сите членви во семејството. Подолу ќе прочитате неколку совети за да му помогнете на бебето да спие во креветче:

Користете го креветчето преку ден за играње:

Доколку го користите креветчето само за ноќно спиење, детето може да развие одбивност од креветчето и да не сака да влегува во него. Користете го преку ден кога не е време за спиење, да си поигра внатре за да создадете позитивна асоцијација со спиењето.

Воспоставете рутина пред спиење

Константна рутина пред спиење ќе им помогне на бебињата да заспијат полесно и да ги намалат ноќните будења.. Рутината пред спиење треба да биде релативно кратка и да започне околу 15 минути пред спиењето. Треба да вклучува активности кои го релаксираат бебето, како што се бањање, пижами, доење, масажа, нежна музика, читање приказна или некоја активност која знаете дека позитивно му влијае на вашето бебе.

Ставете го бебето во креветче поспано, но будно

Бебињата треба да се стават во креветче поспани, но се уште будни. Ако ги спуштите во креветче веќе заспиани, навечер при ноќните будења нема да можат сами да презаспијат и повторно ќе бараат ваша помош за презаспивање и ќе сакаат да излезат од креветчето. Бебињата треба да заспијат на истото место каде што и ќе се разбудат.

Имајте активни денови, но практикувајте тивки и смирени активности пред спиење

Вие како родители треба да ги научите вашите бебиња дека денот е за игра, а ноќта е за спиење, изложување на природна светлина во текот на денот помага при лачење на хормонот мелатонин, а со тоа им помагате да спијат подобро навечер.

Спротивно на тоа, навечер пред спиење, пригушете ги светлата, изгасете го телевизорот, не дозволувајте користење на мобилсни телефони или таблети пред спиење, а активностите да бидат потивки и посмирени без многу бучава. Тоа е периодот кога телото на вашето бебе се спрема за спиење, а вие ќе му помогнете само ако ги намалите активностите.

Размислете за тренинг за спиење

Ако вашето бебе, сеуште се буди навечер и не сака да спие во своето креветче, разгледајте ги опциите за тренинг за спиење. Потрено е да изберете програма и метода која ќе биде соодветна за вас како фамилија, и на која ќе можете константно и трпеливо да се придржувате. Со помош на тренингот, вашето бебе ќе почне да заспива во своето креветче и да ја преспива ноќта, а со тоа ќе се подобри сонот и рапсоложението на целата фамилија.

Имајте слатки и проспани ноќи

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *